Банките за матични клетки, односно фирмите кои нудат чување на клетки од папочната врвца на новороденчињата и ветуваат чудесни излекувања со истите подоцна во животот, всушност ја лажат јавноста, тврдат водечките американски научници.

Оваа услуга ја нудат клиниките во многу земји, а и солидно ја наплатуваат. Клиниките во Тајланд, на пример, чувањето на матични клетки од неонаталната папочна врвца го наплатуваат 3.600 долари, убедувајќи ги родителите дека на тој начин инвестираат во еден вид на здравствено осигурување за своето дете. Но, дали е тоа навистина така?
Ирвинг Вајсман, директор на институтот за биологија на матични клетки и регенеративна медицина од универзитетот Станфорд во Калифорнија, смета дека родителите се изманипулирани од “банкарите“.
„Папочните врвци содржат матични клетки кои можат да формираат крвни клетки потребни за крвотокот кај многу малите бебиња. Од нив може да се создадат и мезенхимални клетки кои имаат исклучителнио ограничен капацитет за создавање на лузни, коски и сало, но не и за создавање на мозочни, срцеви или мускулни клетки. Тоа е факт, без разлика на она што банките за матични клетки го тврдат“, изјави Вајсман за новинарите за време на годишниот собир на Американската асоцијација за унапредување на науката (American Association for the Advancement of Science). Тој додава и дека “не верифицирани клиники за терапија со матични клетки функцуионираат во бројни земји кои имаат слаби медицински регулативи“.
“Тие ја изведуваат терапијата, а потоа ги препуштаат пациентите сами на себе, “полесни“ за 50.000 до 150.000 долари и со терапија која не нуди никакво подобрување“, вели Вајсман.
Интернационалното здружение за матични клетки во април ќе објави извештај за дискутабилните терапии со матични клетки, како што е чувањето на крвта од папочната врвца на бебињата за идна медицинска употреба.
И.Е. | Кајгана