Северниот брег на Русија е еден од најзапуштените предели на земјината топка. Илјадници километри поларна пустош, карпи и мраз. Но, дури и крај тој брег пловат бродови, а кај што има бродови - има и светилници.

Крај северниот брег на Русија пловат бродови од источниот и западниот дел на оваа огромна земја. Денес, овој пат е многу поедноставен благодарение на GPS уредите, сателитите и временските прогнози, но за времето на СССР бродовите морале да се потпрат на компасот и светилниците.

За да го олеснат патот на бродовите, Советите изградиле низа од светилници по должина на ненаселениот северен брег. Светилниците биле автоматизирани, бидејќи биле стотици, па и илјадници километри оддалечени од најблиските населени места. Советските инженери одлучиле во светилниците да вградат минијатурни нуклеарни реактори, за светилниците да можат со години да работат без никаква потреба за одржување и без постојана човечка екипа.

Со пропаѓањето на СССР пропаѓаат и светилниците. Повеќето од нив се расипале затоа што никој не ги одржувал, а скоро сите биле ограбени. Украдени биле дури и реакторите, иако не биле заштитени од зрачење, па крадците сигурно умреле од труење со радијација.

Денес, светилниците дремат празни, а случајните поминувачи ги поздравуваат само големите натписи кои предупредуваат на зрачењето.
