Фотографијата снимена во 1900-та година за време на Бурските војни, откри дека тогаш 80-годишната желка која позирала во тревата пред британските војници е сеуште жива и здрава. Што не може да се каже за другите учесници на фотосесијата.
Желката од фотографијата се вика Џонатан и денес има 176 години, со кои е прогласена за најстаро животно на планетата Земја. Џонатан е сликан на островот Св. Елена за време на Бурската војна, околу 1900 година, а во својот живот доживеал да испрати 8 британски монарси и 50 премиери, сите економски кризи, балкански и светски војни - без никаква мака.
Џонатан и ден денес живее на истото место, во друштво со уште 5 пријателчиња: Дејвид, Спиди, Ема, Фредрик и Миртал. И покрај тоа што се наоѓа во поодминати години и не гледа со едното око, Џонатан е и понатаму прилично активен, редовно се пари со трите млади женки и обожава да привлекува внимание, поради што од луѓето кои се грижат за него го стекнал епитетот "вистински позер".
Желката која припаѓа на родот Testudinipae cytodira (аха, важи - заб. уред.) пристигнала на островот Св. Елена во 1882-та година од Сејшелите, како "млада" 50-годишна желка. Дали Џонатан ќе го сруши Гинисовиот рекорд за најстаро познато животно во историјата, кој го држи повторно желка - Туи Малила од Мадагаскар (почината во 1966-та, на 189 години) - ќе дознаеме во наредната деценија.
Со желби за добро здравје и долг (?!) живот кон Џонатан, еден логички совет за сите вас: тајната на долгиот живот очигледно е во - бавното живеење.