Од 1971 година Франција нема спринтер кој победил на ЕП на 100 метри. Сега по речиси 40 години Кристоф Леметр се погрижи да ја сруши лошата традиција. Со време од 10,11 секунди тој победи на најкусата патека, а седум стотинки зад него во целта влегоа четири атлетичари, а фото финишот беше пресуден за поделбата на останатите медали.
Сребрениот му припадна на Марк Луис Френсис од Британија, а бронзениот на Мартиал Мбанџок (Франција). Четврти со исто време како второ и трето пласираниот е Френсис Обиквелу, а петти главниот фаворит за златото Двејн Чемберс (Британија).
На трката на 10.000 метри во женска конкуренција златото со 31 мин, 10,23 секунди го освои Турчинката Елван Абејгелесе. Втора е Русинката Инга Абитова, а трета Џесика Аугусто од Португалија.
Во фрлање кладиво победи Либор Чафрејтаг од Словачка со далечина 80,02 метри, пред Никола Визони од Италија (79,12) и Кристијан Парс од Унгарија (79,06)
Инета Радевича од Летонија победи во скок во далечина со должина од 6,92, пред Надја Гомеш од Португалија со иста далечина но со послаб втор скок. Бронзата и припадна на Олга Кичеренко од Русија (6,84).
Конечно Хрватката Сандра Перковиќ со последното фрлање на дискот постигна должина од 64,67 и го освои златото, пред Николета Грасу од Романија (63,48) и Јоана Вишниевска од Полска (62,37).
Нашата Ивана Рожман се натпреваруваше во квалификациите на 100 метри и го зазеде претпоследното 31 место со време од 12,64 секунди, што е најслаб резултат, бидејки последната атлетичарка беше дисквалификувана. Со тоа натпреварите за нашите атлетичари завршија уште со првото појавување на сцената.