Apple направи масовна чистка на апликациите со сексуална содржина во својата продавница за iPhone апликации.
Се' тргна од прилично безопасната апликација наречена Wobble iBoobs, која овозможува на фотографиите со жени да ги обележите нивните гради и да ги гледате како потскокнуваат.
Човекот кој стои позади апликацијата Wobble iBoobs, Џон Атертон, вели дека сеуште се обидува да дознае кои се точно новите правила за објавување на апликации на App Store, но според оваа чистка, тие се неверојатно строги. Нема голотија, нема бикини, нема ни жени (а најверојатно ни мажи) во хулахопки и било што друго што би можело да ги возбуди сексуално корисниците.
Од друга страна, во App Store сеуште опстојува апликацијата на Playboy (чија функција може и самите да ја претпоставите), па се поставува прашањето дали Apple има двојни стандарди кон своите корисници, или пак и таа апликација ќе биде отстранета поради кршење на правилата.
Apple веќе подолго време е на маки околу начинот на кој се одобруваат апликациите кои може да ги видиме на App Store, а корисниците често забележуваат дека правилата се непрецизни и конфузни - посебно кога станува збор за сексуалните содржини.
Но, според тоа што корисниците може да го видат, правилата најверојатно се дефинирани на овој начин: Без фотографии од жени во бикини (иако SI swimsuit апликацијата е една од топ апликациите на iTunes), без фотографии од мажи во бикини, без кожа, без силуети, без сексуални конотации од било кој тип.
М.Л. | Кајгана