Специјален радар поставен на индиското вселенско летало Чандрајан-1 откри тенки наслаги на воден мраз непосредно под површината во подрачјето на северниот Месечев пол.

НАСА на индиското летало монтираше специјален радар САР (Synthetic Aperture Radar) кој откри повеќе од 40 мали кратери на воден мраз. Водата е измешана и со други соединенија, како јаглероводород, покажа анализата на сондата LCROSS која исто така е на мисија на Месечината.
Откритието на индиските и американските научници е претставено на големата вселенска конференција во Тексас.
Кратерите со мраз се со големина од 2 до 15 километри, а точната количина на мраз не е позната, бидејќи зависи од дебелината на слојот во секој поединечен кратер, но НАСА тврди дека слојот на мраз би морал да биде барем неколку метри дебел за Чандрајан-1 да може да го регистрира.
Др. Пол Спадис од Лунарниот и планетарен институт во Хјустон проценува дека на Месечината има барем 600 милиони метрички тони воден мраз, пишува БиБиСи. Еквивалентна количина на ракетно гориво би била доволна за лансирање по едно вселенско летало секој ден наредниве 2.200 години, објасни др. Спадис за новинарите.
„Сега речиси сигурно можеме да кажеме дека човечката присутност на Месечината е можна и одржлива, ќе можеме да ги користиме изворите кои ќе ги најдеме таму. Резултатите од истражувањата во последните месеци се потполно револуционерни за нашата визија за Месечината, изјави Спадис.
Б.И. | Кајгана