Благодарејќи на австралиските научници Мајкл Вест од Австралискиот национален универзитет и Џонатан Кларк од Универзитетот во Нов Јужен Велс, идните истражувачи на Марс полесно ќе наоѓаат руда на оваа планета.
Студијата објавена во магазинот Планетарна и вселенска наука не само што се бави со рудите на четвртата планета во Сончевиот систем, туку би можела да помогне и во идната потрага за знаци на живот на Марс. Научниците исто така велат дека поголемиот материјал потребен за долготрајно населување таму е присутен, но тешко е да се дојде до него.
Најчестиот елемент на Марс е железото кое на планетата и ја дава црвената боја, а пред неколку години Опортјунити, роботското возило на Марс, најде хематит кој може едноставно да се собере со всисување.
Голема е веројатноста дека најдобрите наоѓалишта ќе бидат во близина на кратерите каде природата веќе и самата направила ископи. Друг тип на локации вредни за истражување ќе бидат хидротермалните извори, ако постојат на површината на Марс, поради насобраните минерали околу таквите места. Студијата исто така ја нагласува важноста на Тарсис Монтес и Олимпус Монс, најголемиот вулкан досега познат во Сончевиот систем.
Елементите кои недостигаат се оние кои „бараат“ поголеми количини на вода или биолошки процеси, но научниците се оптимисти со оглед на тоа дека Марс е со слична големина како и Земјата, а ние се' уште не сме виделе ни десетина од можното. Знаењето каде се наоѓаат одредени минерали на Марс ќе ни овозможи полесно да пронајдеме било каков живот ако постои, бидејќи не само што некои минерали се добри за зачувување на микробите, туку и укажуваат на тоа каде животот би можел да се најде.
Б.И. | Кајгана