Многу талентирани гитаристи се левораки. Пол Макартни, Марк Нофлер и Курт Кобеин се одлични примери за тоа. Меѓутоа, покојниот гитарски виртуоз Џими Хендрикс, кој гитара наменета за десничар свиреше со лева рака, беше многу повеќе од гитарски бог.

„Всушност, нему му беше сеедно дали го држи перцето во лева или десна рака. Тоа што се прикажуваше за левак имаше многу подлабока причина. Неговиот посебен талент, кој стручњаците го воочија како амбидекстричност (еднакво вешто служење и со левата и со десната рака), всушност е само „симптом“ на некои други негови таленти на кои причината лежи во неговиот мозок“, објави во февруарскиот број на магазинот Lateralitty психологот и физиолог Стивен Кристман од американскиот универзитет Охајо.
Во анализата на неговото свирење и пеење на достапните видеозаписи т.е. музиката и текстот на песните, кои на чудесен начин го спојуваат наизглед неспоивото, Кристман дојде до заклучок дека Џими свирел „наопачки“ не затоа што е леворак, туку затоа што таа техника му овозможувала „дебелиот сноп“ на врски меѓу левата и десната мозочна хемисфера на Хендрикс да се одрази попродуктивно и вкупно да се изрази преку неговата музика.
„Јазикот и ритамот мозокот ги обработува со левата хемисфера, а мелодиите и хармоните во десната. Затоа повеќе му одговарало гитарата да ја држи како леворак, бидејќи за изведувањето, а веројатно и за компонирањето, го ослободувал каналот и за асоцијации кои во неговата музика ја врзувале контролата на интерпретацијата, способноста да се пронајде „вистинскиот збор за вистинското место во мелодијата“, па дури и да ги спои музички наизглед неспоивите стилови: традицијата на блузот, АрЕнБи, со фолк, рок и психоделискиот звук“, пишува Кристман.
Да морал да се концентрира на „правилното“ држење на гитарата, непотребно би го гушел својот талент. Според Кристман, најблиску до Хендрикс по овој вид на надареност меѓу живите уметници е Боб Дилан.
Б.И. | Кајгана