Околу 74.000 луѓе умираат годишно во Германија од последиците на претераното конзумирање алкохол, соопшти Сојузната централа за здравствено образование.
Тоа е девет отсто од вкупниот број на смртни случаи. Колку за споредба, лани во Германија 4.160 луѓе загинале во сообраќајни несреќи, а околу 140.000 умреле од последиците од пушењето.
Истражувањето покажува дека дури 1,3 милиони Германци се зависници од алкохол. Германија е на петто место во Европа според потрошувачката на алкохол.
Понатаму се наведува дека во просек и пресметано врз основа на потрошувачката на пиво, вино и другите пијалоци, Германците пијат 12 литри чист алкохол годишно. На првите три места во Европа се Луксембург(15,6 литри чист алкохол), Ирска и Унгарија.
Податоците на Светската здравствена организација покажуваат дека во светот најмалку 76 милиони луѓе се зависници од алкохол. Секој 25 смртен случај во светот е предизвикан од претерано пиење.