Млекарот Душко Илиевски заедно со неговиот брат и татко излегоа од притвор, откако истражен судија од битолскиот суд донесе решение за укинување на притворот и ги пушти да се бранат од слобода.
„Дефинитивно излегоа од притвор, сега моментално се наоѓаат во нивниот дом. Тука има собрано многу граѓани кои ја поздравија одлуката на судот“ изјави за Макфакс, адвокатот на фармерите, Васко Георгиев.
Случајот на Илиевски од одделот за организиран криминал при основното јавно обвинителство во Скопје се врати во битолското јавно обвинителство.
Скопското обвинителство се прогласило за ненадлежно да одлучува за овој случај бидејќи тука немало организирано одгледување на марихуаната. Како што ни изјави Георгиев, решението било донесено на предлог на јавниот обвинител од Битола.
МВР ги сомничи Илиевски за недозволено производство на марихуана. Битолската полиција во градината на семејството Илиевски во Градско поле, пронајде 207 стебла канабис сатива. Илиевски тврдеше дека тоа е див коноп и дека ова е политичка хајка против него.
СДСМ обвини дека Илиевски, кој на последниот митинг на СДСМ ја критикуваше власта, е нејзина жртва, а ВМРО – ДПМНЕ реагираше што СДСМ брани луѓе кои одгледуваат дрога.