Месец и пол по обвинувањата на Google за хакерски напади, кинеските власти за првпат официјално се огласија со известување во јавноста, прогласувајќи ги обвинувањата на американскиот гигант за неосновани.
Изјавата на гласноговорникот на кинеското министерство за надворешни работи, Кин Ганг, дека обвинувањата на Google објавени на 12-ти јануари се тотално неосновани, но и дека Кина цврсто се противи на овие напади, е првата официјална реакција на кинеските власти.
Портпаролот на кинеското МНР не заборави да потсети дека Кина управува со пристапот на интернет согласно своите закони, но и дека најстрого го забранува хакирањето и ќе ги казнува прекршителите според законот. На ова Кин Ганг се надоврза дека Кина има целосно право да ја цензурира содржината на интернет и дека Google мора да се придржува на законите во нивната земја.
Целата приказна околу хакерските напади врз Google и другите американски компании е дигната на толку високо ниво што додатно ја поттикнува тензијата помеѓу САД и Кина, кои во последно време имаат се повеќе недоразбирања од трговијата и кинеските валути, па до неодамнешниот состанок помеѓу американскиот претседател Барак Обама и тибетанскиот водач Далај Лама.

Според најновите извештаи кои се појавија во американските весници, наводно веќе е утврдено дека нападите на Google потекнувале од две кинески училишта, дел од престижниот Универзитет Шангај Џиаотонг, додека пак создавачот на spyware-от кој е користен за овие напади е идентификуван како сигурносен консултант поврзан со кинеската влада.
М.Л. | Кајгана