Сервисот кој неодамна ја достигна бројката од дури пола милијарда корисници, најверојатно конечно ќе дозволи едноставно и трајно да се збогувате со својот профил.

До сега, корисниците можеа само да го деактивираат својот профил со можност, ако посакаат, повторно да го активираат. Но, во блиска иднина Facebook ќе овозможи трајно бришење на профилот и тоа со неколку клика (што сега е малку по комплициран процес кој подразбира дека треба да стигнете овде, да го испратите вашиот и-мејл а и да чекате две недели).
За сега, Facebook ја тестира оваа опција, без многу бука, на мал број на корисници. „Константно тестираме нови идеи, што подразбира и додавање на нови опции. Еден од неодамнешните тестови вклучи и варијација на “избриши“ опцијата за многу мал процент на луѓе“, рекол за The Next Web претставник на Facebook, пренесува Huffington Post.
Па доколку во вашите подесувања покрај опцијата за деактивирање забележите дека е додадена и онаа за бришење на профилот, тогаш знајте дека сте меѓу “одбраните“ (сигурно Зукерберг лично ве одбрал).
Сепак, и кога новата опција би била достапна за сите корисници, целосното бришење на профилот нема да биде баш “целосно“ затоа што условите на Facebook со кои секој корисник се согласува при регистрацијата му дозволуваат на сервисот да задржи одредени ваши информации, пишува Huffington Post.
И.Е. | Кајгана