Nintendo на својата конференција по повод првиот деловен квартал за оваа година, освен што објави рекордна продажба на своите играчки конзоли во декември 2009, претстави и нова преносна конзола.
Оваа принова го носи името Nintendo DSi XL, а дизајнот претставува зголемена верзија на својот претходник - "обичниот" DSi.
Моделот XL има 93% поголем екран во однос на DSi, што според зборовите на потпретседателката на дивизијата за продажба и маркетинг за САД, Кејми Данавеј, треба да ја поттикне друштвената компонента во играњето.
Поголемиот екран овозможува и поголем агол на гледање, што сигурно ќе го поттикне интересот кај голем број нови корисници на оваа конзола. Nintendo DSi XL ќе се најде во продажба веќе од 28. март по препорачана цена од 189,99 долари.

Според објавените резултатите од минатата година, Nintendo успеа да продаде 3,8 милиони Wii конзоли во декември (што е рекордна продажба за било која конзола во еден месец) и 24,9 милиони Wii игри само во декември 2009. За целата 2009. година, Nintendo продаде 11 милиони преносни конзоли DS.
М.Л. | Кајгана