Италијанскиот производител на автомобили Fiat привремено ги затвори своите шест фабрики во Италија. По се изгледа популарниот производител тешко се носи со големиот пад на продажбата.
Оваа мерка погоди околу 30.000 вработени во Fiat кои се пратени дома на две недели со намалени приходи. Оваа одлука предизвикала и протести во некои од фабриките за време на викендот, јавува БиБиСи.
На почетокот на февруари италијанската влада донесе одлука за прекин на субвенционирање на програмата за замена на стари возила. Од управата на Fiat тврдат дека токму оваа одлука директно го предизвиквува ова двонеделно затворање на фабриките.
Fiat има пет фабрики во Италија, во Рим, Неапол, Торино и на Сицилија. Шестата е во поделена сопственост со Peugeot.
„Минатата година неколку пати моравме да го намалуваме планираното производство, но ова е прв пат кога фабриките ќе мора да бидат затворени на две недели. Автомобилската индустрија во овој момент може да произведува само по нарачка“, изјави потпретседателот за комуникации на Fiat Ричард Гадесели.
Синдикатите побараа состанок со управата на компанијата и владата за да дознаат повеќе за судбината на Fiat. Eдна од фабриките чиј опстанок е доведен во прашање е таа на Сицилија. Управата планира да ја затвори и дел од производството да префрли во останатите фабрики. Владата сака тоа да го спречи, па ќе се обиде да најде купувач за неа.
Б.И. | Кајгана